Како Шведска стана првата земја без чад од тутун

Точка

22/10/2025

13:26

798

Големина на фонт

а а а

Шведска и официјално ќе стане првата земја без чад од тутун во ЕУ. Според класификацијата на Европската мрежа за превенција од пушење (ENSP) и Светската здравствена организација (СЗО), се смета дека една нација официјално е слободна од чад од тутун кога помалку од 5 отсто од возрасната популација пуши, а оваа скандинавска земја ја намали стапката на околу 5,6 отсто. Но, во овој контекст мора да се истакне уште еден факт: Швеѓаните и сега просечно консумираат приближно иста количина тутун како и останатиот дел од земјите во ЕУ, но тоа го прават без да пушат.

Просечната стапка на пушење во ЕУ е 23 отсто и затоа е голем успех што Шведска ја намали оваа стапка од 15 на пет отсто во периодот меѓу 2008 и 2023 година, при што кај лицата на возраст од 16 до 29 години стапката на пушење падна на три отсто. Дури и кај Швеѓаните што пушат, бројот на испушени цигари е значително помал од европскиот просек: дневната потрошувачка на цигари во Шведска во просек е 9,1 во споредба со 14,2 во другите земји од ЕУ.

Најзначајниот резултат од значителното намалување на бројот на пушачи е тоа што појавата на рак на белите дробови и на усната празнина во Шведска е за 41 отсто пониска отколку во другите европски земји, што значи 38 отсто помалку смртни случаи поради оваа болест. СЗО во 2020 година потврди дека стапката на смртност во Шведска од сите видови рак е 96 на 100.000 жители, најниска во Европската Унија.

Иако ЕУ постави рок за намалување на бројот на пушачи на пет отсто до 2040 година, Шведска успеа да ја достигне целта 16 години порано. Која е тајната на шведскиот успех? Спроведување на стратегијата за намалување на штетата преку построги мерки против традиционалните цигари и информирање на возрасните пушачи за новите алтернативи без чад кои не се без ризик бидејќи предизвикуваат зависност од никотин, но секако се подобра опција од продолжување со пушење.


Искуството на Шведска и нејзината транзиција од земја во која никотинот е традиција кон земја без чад од тутун, е прикажано во документарниот филм „Како Шведска престана да пуши“.

- Филмот е направен во 2023 година со цел Швеѓаните да му ја раскажат својата приказна на остатокот од светот. Во Шведска го пронајдовме делчето што недостасуваше за да се реши загатката за ефикасна борба против пушењето - објаснува Федерико Фернандез, продуцент на филмот.

Тој вели дека земјата многу свесно ги усвоила мерките на иницијативите на СЗО и ЕУ против пушењето. Но, она што го прави шведскиот пример посебен е улогата што ја играат иновациите, бидејќи Шведска не го напушти никотинот, туку само цигарите кои го согоруваат тутунот. Во овој контекст, алтернативните тутунски производи му овозможија на населението да продолжи да консумира никотин без штетните ефекти од согорувањето.

Според него, комбинацијата на производите без чад е клучната причина зошто денес речиси никој во Шведска не пуши.

- Благодарение на алтернативните производи, шведското општество е поздраво отколку порано, кога луѓето пушеа. Иако најдобро би било луѓето засекогаш да се откажат од тутунот и никотинот, сепак за оние кои не можат или не сакаат, постои опција да се насочат кон помалку штетни алтернативи - заклучува Фернандез.