Мисајловски: ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од апсолутен победник на овие избори, освоивме 550 советнички места, и има најмногу советници во 59 општински совети и Советот на Град Скопје

Макфакс

21/10/2025

13:18

162

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ покрај огромниот успех на избрани 33 градоначалници уште во првиот круг, има огромен успех на советничките листи со 550 избрани советници во советите на општините и градот Скопје, истакна на прес-конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„550 советнички места за ВМРО-ДПМНЕ наспроти 232 за СДС, 153 за ДУИ, 66 за Левица се доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од апсолутен победник на овие избори и дека граѓаните јасно покажаа во кој правец сакаат да се движи државата.

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласови повеќе на советничките листи во однос на локалните избори во 2021 година, а во исто време СДС изгубиле 111.000 гласови на советничките листи во споредба со 2021 година“.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ е партија со најмногу советници во 59 општини и градот Скопје, од кои во најголем дел, како што рече, има апсолутно мнозинство во советите.

Граѓаните, додава Мисајловски, покажаа дека политиките на работа, посветеност и одговорност се политики кои ги преферираат, и политики кои сакаат да продолжат.

„Граѓаните избраа раст и развој, одговорност и посветеност и чесна работа. Граѓаните избраа вистински луѓе на вистински места.

Воедно ги повикувам граѓаните да ја заокружиме оваа огромна победа во вториот круг од локалните избори во општините каде што има втор круг. Да излезат масовно и да ги поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ со заокружување на бројот 9“.