Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски ќе учествува на Mинистерскиот самит на Европската комисија за стартапи, истражување и иновации во Подгорица, Црна Гора, на 20 и 21 октомври. Министерскиот самит ќе биде предводен од Еврокомесарката Екатерина Захариева, Комесар за стартапи, истражување и иновации при Европската комисија.
Целта на самитот е зајакнување на стартап-екосистемот на Западен Балкан, продлабочување на политиките за „паметна специјализација“, како и унапредување на истражувачките инфраструктури и примената на вештачката интелигенција во науката.
Во програмата учествуваат: Сигне Ратсо, Заменик-генерален директор на Директоратот за истражување и иновации при Европската комисија; Маида Горчевиќ, Министер за европски прашања на Црна Гора; Анѓела Јакшиќ Стојановиќ, Министер за образование, наука и иновации на Црна Гора; Бартож Марцинковски, претставник на полското претседавање со Советот на Европската комисија; Мартин Керн, Директор на Европскиот институт за иновации и технологии; и Амер Капетановиќ, Генерален секретар на Регионалниот совет за соработка.
Андоновски ќе се обрати на министерската тркалезна маса на тема „Истражувачки инфраструктури и вештачка интелигенција во науката“. Во своето излагање ќе ги претстави приоритетите на Република Македонија во дигиталната трансформација: модернизација на јавните електронски услуги, интероперабилност на системите, отворени податоци и поддршка на иновации и стартапи, како и безбедна и етичка примена на вештачката интелигенција во науката и јавната администрација.
На маргините од самитот Министерот Андоновски, заедно со останатиот дел од Македонската делегација ќе оствари повеќе билатерални средби меѓу кои и со Еврокомесарката Захариева.