„Путин е сличен на Хамас, но посилен“, Будимпешта не е добра за Зеленски

Макфакс

20/10/2025

12:14

255

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, денес изјави дека е подготвен да се придружи на најавениот самит во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, нагласувајќи дека е потребно да се изврши поголем притисок врз Кремљ за да се стави крај на војната во Украина.

По разговорот со Путин, Трамп го најави вториот круг мировни преговори во Будимпешта, а Зеленски во интервју за американската NBC потврди дека е подготвен да присуствува на тој самит.

„Ако навистина сакаме фер и траен мир, двете страни мора да бидат вклучени. Како можеме да постигнеме договор за нас, без нас?“, рече украинскиот претседател.

Зеленски изјави дека „добро е што Трамп не рече „не“ кога станува збор за испорака на американските ракети „Томахавк“ на Украина, но додаде дека американскиот претседател „сè уште не рекол ни „да“.

„Путин е сличен на Хамас, но посилен“, рече Зеленски, додавајќи дека руската армија е втора најсилна во светот и дека „е потребен поголем притисок“.

Украинскиот лидер изрази надеж дека испораката на ракетите „Томахавк“ би можела да го промени текот на војната, но истакна дека досега тоа не се случило.

Рускиот претседател претходно предупреди дека испраќањето на тие ракети би претставувало „нова фаза на ескалација на конфликтот“.

„Путин се плаши дека САД ќе испорачаат ракети „Томахавк“ на Украина и мислам дека со право се плаши дека ние ќе ги употребиме“, рече Зеленски.

Иако повтори дека го смета Путин за „терорист“, Зеленски нагласи дека е отворен за директна средба со рускиот претседател, но само под услови што водат кон мир, а не, како што рече, „под бомби и беспилотни летала“.

За време на престојот во САД, кој се совпадна со зголемените руски напади врз украинската енергетска инфраструктура, Зеленски повтори дека Украина не ја губи војната, туку дека Русија ги интензивира воздушните напади затоа што, како што рече, е „слаба на фронтот“.

„Путин се обидува да предизвика енергетска катастрофа оваа зима“, истакна Зеленски.

По средбата со украинскиот претседател, Трамп на социјалните мрежи изјави дека Русија и Украина треба „да престанат таму каде што се сега“ и дека е време за прекин на огнот и договор.

Будимпешта не е добра за Украина

„Ако сакаме итно да ја завршиме војната и да започнеме мировни преговори преку дипломатски канали, мора да останеме таму каде што сме, без дополнителни отстапки кон Путин“, рече Зеленски како одговор на прашањето дали е подготвен за територијални отстапки заради мирот.

Зеленски рече дека идејата за можна средба со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и претседателот на Русија, Владимир Путин, во Будимпешта нема да биде позитивна за Украина, бидејќи Унгарија ги блокира сите иницијативи што и користат на Украина, и додаде дека планот е да се набават 25 системи „Патриот“.

За време на разговорот со новинарите, Зеленски рече дека ја пренел оваа порака и на специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, објави јавната служба на Украина „Суспилна“.

„Имаше многу вредни опции – Швајцарија, Австрија, Ватикан, Саудиска Арабија, Катар, Турција. Бидејќи тука зборуваме за мир во Украина, а не за избори во Унгарија. Не верувам дека премиер кој нè блокира насекаде може да донесе нешто позитивно или барем избалансирано“, рече украинскиот претседател.

Тој додаде дека унгарскиот премиер Виктор Орбан промовира проруска реторика, вклучително и тврдења за „безусловна предност на Русија во оваа војна“.

„Кога зборуваме за медијација, не мислам дека унгарскиот премиер има соодветен пристап кон таа улога. Сакам да ве потсетам дека кога патуваше во Русија, Кина и САД обидувајќи се да го зајакне своето политичко влијание, ние јасно рековме дека не му дадовме никакви овластувања. Неговите обиди не дадоа резултати, што беше јасно од самиот почеток“, рече Зеленски.

Зборувајќи за меморандумот од Будимпешта од 1994 година, со кој големите сили го гарантираа територијалниот интегритет на Украина во замена за откажување од нуклеарно оружје, Зеленски потсети дека тој документ не е ефикасен и додаде дека и тој го потсетил Трамп на ова.

Сепак, според Зеленски, Трамп го гледа „унгарскиот формат“ како можен следен чекор кој, според него, би можел да донесе резултати, вклучително и крај на војната.

„Со претседателот Трамп го делиме оптимизмот, доколку ова доведе до крај на војната. По повеќе од два часа разговор со него и неговиот тим, мојот впечаток е дека неговиот став е дека линијата на фронтот останува таму каде што е, што може да биде позитивен сигнал, ако сите страни го разберат“, рече Зеленски.

Зеленски, исто така, нагласи дека за време на неговата посета на Вашингтон, разговарал за можноста за потпишување договор за купување на 25 американски системи за воздушна одбрана „Патриот“, кои Украина би ги добила во фази во текот на наредните години.

Како што изјави, тој број системи биле побарани од Воздухопловните сили на Украина, но испораките нема да бидат веднаш поради големата побарувачка и постојните нарачки од други земји.

Тој додаде дека во клучните земји-членки на НАТО постојат системи „Патриот“ кои формално им припаѓаат на САД и дека Украина може да ги добие овие системи доколку има политичка поддршка од Вашингтон.