Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска ќе учествува на министерски состанок на земјите од Западен Балкан за истражувања и иновации кој ќе се одржува во Подгорица, Црна Гора на 20 и 21 октомври 2025 година.
Дводневниот настан предвидува повеќе панел дискусии посветени на можностите за развој и поврзување на истражувачката инфраструктура на земјите од Западен Балкан, анализа на ефективноста на Планот за раст и националните стратегии за паметна специјализација на државите од регионот, како и за примената на вештачката интелигенција во науката и истражувањето, извести МОН.
Освен учество на панел дискусиите, министерката Јаневска ќе оствари и билатерални средби со еврокомесарката за истражување и иновации Екатерина Захариева, директорката на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, Сабине Хенцлер, претседателката на Европската мрежа за соработка во областа на истражувањето и технологијата (COST) Асе Горницка и со црногорската министерка за образование, истражување и иновации Ангела Јакшиќ Стојановиќ, соопшти МОН.