Добитничката на Нобеловата награда за мир го повикува Трамп да ја запре „војната“ на Мадуро против нејзината земја

Макфакс

17/10/2025

12:25

327

Големина на фонт

а а а

Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, повика на поголема поддршка од Соединетите Американски Држави за да се запре она што го опиша како „војна“ на претседателот Николас Мадуро против нејзината земја, пишува CNN.

Во интервју за CNN, Мачадо ги повтори ставовите на администрацијата на Доналд Трамп, нарекувајќи го Мадуро лидер на „криминална нарко-терористичка структура“, додека од американскиот претседател Доналд Трамп побара поголема „помош“ за негово соборување од власт.

Таа, исто така, изјави дека американскиот лидер „апсолутно“ заслужува своја Нобелова награда за мир поради „неверојатните настани што моментално се случуваат во светот“, алудирајќи на напорите на Трамп да посредува во мировниот процес на Блискиот Исток.

Изјавите на Мачадо – чија победа предизвика негодување кај некои поддржувачи на движењето MAGA кои се надеваа дека Трамп ќе ја добие наградата – доаѓаат во време на растечки тензии меѓу САД и Венецуела, пишува CNN. Тие следеа по неколку американски воени напади врз бродови во близина на брегот на Венецуела, кои администрацијата на Трамп наводно ги означи како „бродови за шверц на наркотици“, а последниот таков напад се случи во вторникот, кога загинаа шест лица на бродот.

Додека администрацијата на Трамп инсистира дека целите на нивните напади се дилери на дрога, пишува CNN, Каракас ги обвинува САД дека се обидуваат да го соборат Мадуро – човек кого САД го обвинуваат за трговија со дрога (обвинение што тој жестоко го негира) и за чија глава има награда од 50 милиони долари.

Мачадо, која е во егзил од спорните избори минатата година, ги поздрави американските акции што ги смета за намалување на поддршката за режимот на Мадуро.

Таа, исто така, го обвини Мадуро, пишува CNN, дека ја претвора Венецуела во „вистинска закана за националната безбедност на САД“.

„Во случајот на Мадуро и неговата криминална нарко-терористичка структура, таа се одржува преку трговија со дрога, злато, оружје, па дури и луѓе, и ние мора да ги намалиме тие текови“, изјави Мачадо за CNN.

Таа за Си-Ен-Ен изјави дека промената на режимот ќе биде можна само со „ спроведување на законот и со прекинување на тековите што потекнуваат од овие криминални активности“, додавајќи дека токму тоа би ја завршило „војната“ на Мадуро против нејзината земја.