Арда Гулер ја дочека третата сезона како играч на Реал Мадрид и под водство на Чаби Алонсо ја добива убедливо најголемата минутажа, нешто што не можеше да се пофали во двете сезони кои ги одработи со Карло Анчелоти.
Младиот Турчин мораше да мине период на адаптација и да се помири со фактот дека не е стандарден стартер во тимот на Реал Мадрид, а во сезоната која беше дебитантска за него во „кралскиот клуб“, тимот успеа да ја освои и Лигата на шампиони.
Арда немаше речиси никаков учинок во патот до финалето и победата против Борусија Дортмунд, па затоа Гулер во интервјуто за „Лекип“ потенцира дека воопшто не го смета тој трофеј за свој.
– Јас не го сметам освоениот трофеј во Лигата на шампиони, тоа не беше моја титула. Мора да одам по нов трофеј во ова натпреварување, тоа е една од моите најважни цели. Сакам децата од Турција да ме гледаат и да кажат: Арда го направи тоа, можам и јас да го направам истото, – вели Гулер.
20-годишниот играч за врска има уште многу простор за напредок под водство на Чаби, но како што вели самиот, тој од првиот ден бил запознат дека нема да биде лесно и дека ќе мора да ја дочека вистинската шанса во првиот тим.
– Знаев каде доаѓам пред две години, знам дека ова е најголемиот клуб во светот. Но, од првиот тренинг, бев свесен дека можам да играм редовно за Реал, никогаш не се посомневав дека ќе имам успех во тимот. Ми најавија дека првата сезона ќе биде тешка, особено за момче кое доаѓа од земја како Турција. Исто така, ми најавија дека сум купен како играч за иднина, како играч кој треба да игра по ерата на Модриќ и Крос. Се ми беше кристално јасно од првиот ден, – додава Арда.