Ракометарите на Еурофарм Пелистер се претставија добро во дуелот со европскиот великан Барселона во ракометната Лига на шампиони, но не успеаја да обезбедат позитивен резултат на домашен терен (30:34).
Шпанскиот претставник дојде во Битола како фаворит и ја оправда таа улога, обезбедувајќи си солидна предност во вториот дел од првото полувреме, кое заврши со резултат 13:17.
Во вториот дел Барса неколку пати стигна и до плус седум и на тој начин го реши победникот, а македонскиот шампион до крајот успеа да ја намали негативата за конечни 30:34.
Манасков и Хенигман со по 8 голови беа најдобри реализатори во редовите на нашиот претставник, додека кај Барселона, Мем и Макуц го завршија дуелот во Битола со по 6 погодоци.
За македонскиот клуб ова е четврти пораз по ред во групната фаза на Лигата на шампионите, односно Еурофарм Пелистер останува на една победа по пет одиграни натпревари.