Педро: Имав договорен трансфер во Јунајтед, но…

Дерби

15/10/2025

14:32

453

Големина на фонт

а а а

Педро Родригез игра фудбал на врвно ниво и на 38-годишна возраст и се уште е важен дел од тимот на Лацио, но како фудбалска легенда која искуси и најголеми дострели на клупско и репрезентативно ниво, Шпанецот е секогаш интересен кога се навраќа на моменти која ја одбележаа неговата кариера.

Педро беше дел од златната генерација на Барселона која ги освои сите можни титули со Пеп Гвардиола, па иако беше дел и од тимот на Луис Енрике, токму Лучо беше тренерот кој го натера офанзивецот да си бара нов фудбалски предизвик.

– Зборував многу со Луис Енрике во сезоната кога ја освоивме Лигата на шампиони. Тоа беше тим на Барселона кој ги имаше најдобрите тројца напаѓачи во светот: Меси, Нејмар и Суарез. Не беше лесно да добијам минутажа, а Луис Енрике беше искрен и ми најави дека ќе играм се помалку. Во мој интерес беше да си заминам, особено поради тоа што сите ги познаваат моите амбиции, – се навраќа Педро на случувањата во 2015-та година.

Во интервјуто за „Фор-Фор-Ту“, Педро се потсеќа дека најблиску до негов потпис бил Манчестер Јунајтед, но „ѓаволите“ премногу се двоумеле и на крајот завршил во Челси.

– Не знам што се случи зад сцената, само знам дека договорот со Јунајтед беше постигнат. Сепак, на крајот тие решија премногу да се мислат, им требаше долго време за да пресечат. Сезоната веќе беше стартувана, а јас не сакав да чекам….. Имаше голема неизвесност, ме посакуваше и ПСЖ, но потоа стигна повикот од Челси. Сеск Фабрегас беше посредник, а ми се јави Мурињо и ми кажа дека ќе достават подобра понуда за мене. Им ја објаснивме ситуацијата на луѓето во Јунајтед, но тие не се изјаснија и така завршив во Челси, – открива Педро.