Шукова: Проблемот со водата во Скопје мора системски да се реши, не со привремени зафати

Макфакс

15/10/2025

14:27

139

Големина на фонт

а а а

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, денеска на прес-конференција зборуваше за проблемот со недостиг на вода во повеќе делови од Скопје, особено во повисоките зони. Таа посочи дека загубите на питка вода во системот се алармантни и дека потребен е сериозен, системски пристап.

„Проценките се дека околу 60 проценти од питката вода се губи во системот за водоснабдување. Дел од загубите доаѓаат поради застарената инфраструктура која со години не е одржувана,“ изјави Шукова.

Таа нагласи дека во рамки на проектот за БРТ-системот ќе се отвори дел од главната водоводна линија, при што ќе се направи целосна анализа на состојбата и ќе се преземат конкретни мерки.

„Ќе направиме увид во критичните точки и ќе видиме каде најмногу се губи водата. Имаме снимки и податоци од минатите години, но досега никој не ги спровел на дело,“ рече Шукова.

Што се однесува до техничките загуби, истакна дека постојат и проблем со диви приклучоци и ненаменско користење на водата за пиење.

„Тоа мора да престане. Ќе обезбедиме контрола, санација и модернизација на мрежата – за стабилно и правично снабдување со вода за сите граѓани на Скопје,“ додаде таа.