Трамп: Работата во Газа не е завршена, втората фаза од мировниот договор започнува веднаш

Макфакс

14/10/2025

22:17

219

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека работата во Газа не е завршена, бидејќи телата на починатите заложници не се вратени како што беше ветено, објави вечерва „Тајмс оф Израел“.

„Сите 20 преживеани заложници се вратија и се чувствуваат добро, како што може да биде. Тешкиот товар е отстранет, но работата не е завршена. Телата не се вратени, како што беше ветено“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“.

Договорот потпишан од Израел и Хамас минатата недела значеше дека Хамас ќе ги ослободи сите 48 заложници во рок од 72 часа од стапувањето во сила на прекинот на огнот.

Рокot истече во понеделникot напладне и Хамас ослободи 20 заложници живи, но ги врати само телата на само четворица од 28-те што загинаа во Газа, додека вечерва најави предавање на уште четворица.

Дадениот рок во договорот важи и за телата, пишува „Тајмс оф Израел“, но се чини дека на Хамас му треба повеќе време за да ги лоцира, па затоа е формирана заедничка работна група за да помогне во пронаоѓањето на телата што не се вратени во рок од 72 часа.

„Втората фаза започнува веднаш“, додаде Трамп, алудирајќи на делови од неговиот план од 20 точки за повоено управување и реконструкција на Газа, кој ќе го води преодна влада на палестински технократи и ќе го надгледува мировен комитет со кој претседава американскиот претседател и поранешниот британски премиер Тони Блер.

Првата фаза, според Трамп, вклучува ослободување на заложниците, повлекување на Израел од Газа и обезбедување хуманитарна помош, додека Хамас сè уште не се согласил со втората фаза, која вклучува нивно разоружување.