[ВИДЕО] Активистки уапсени откако вандализираа слика со Колумбо во музеј во Мадрид

Точка

14/10/2025

21:45

364

Големина на фонт

а а а

Двајца членови на движењето „Футуро Вехетал“ се обвинети за кривично дело против културното наследство, откако фрлиле биоразградлива црвена боја врз делото на Хозе Гарнел во Поморскиот музеј во Мадрид на Денот на државноста на Шпанија.

Поморскиот музеј вели дека уметничкото дело сега е реставрирано, пренесува „Јуроњуз“.

Полицијата во Шпанија обвини две активистки кои фрлиле црвена боја врз историското уметничко дело на Хозе Гарнел „Primer homenaje a Cristóbal Colón“ (Прв омаж на Кристофер Колумбо) во Поморскиот музеј во Мадрид.

Делото, кое сведочи за исклучително симболична епизода во шпанската поморска историја, било реставрирано неколку часа подоцна благодарение на активностите на персоналот на музејот.

Инцидентот предизвика нова дебата за заштита на предметите за кои се смета дека ја илустрираат шпанската историја и уметничко наследство.

Полициски извори известија дека и двете жени се уапсени поради кривично дело против културното наследство откако биле задржани од вработен во музејот до доаѓањето на властите.

Посетителите биле евакуирани за време на интервенцијата, но неколку часа подоцна Морнарицата на своите социјални мрежи објави дека сликата е реставрирана и дека делото повторно е изложено.

Брзата реставрација на платното овозможи не само да се врати сликата, туку и дел од спокојството на просторот што ја опкружува.

Според соопштението на колективот „Футуро Вехетал“, активистите носеле транспарент со слоганот „12 октомври, нема причина за славење. Екосоцијална правда“ и се обиделе да ги осудат последиците од историскиот и сегашниот колонијализам.

Истиот ден, дваесетина активисти од групата „Мареа Палестина“ одржаа протест седејќи пред муралот „Герника“ во Музејот Реина Софија, држејќи транспаренти со натпис „Запрете го геноцидот“.

Поради таа акција, просторијата морала да биде евакуирана на неколку минути. Групата објасни дека целта на нивниот протест е повик за запирање на офанзивата во Газа и барање за ембарго на оружје и отворање хуманитарни коридори. По околу 40 минути, учесниците го напуштиле местото на протестот извикувајќи „Да живее слободна Палестина“.