Гаши - Пелегрини: Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија

Макфакс

14/10/2025

18:00

158

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието оствари средба со претседателот на Словачката Република, Петер Пелегрини, кој престојува во официјална посета на нашата земја.

Во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците ја потврдија одличната билатерална соработка меѓу двете држави и изразија подготвеност за нејзино дополнително унапредување на сите нивоа.

Претседателот Гаши му посака добредојде на претседателот Пелегрини и истакна дека континуитетот на политичкиот дијалог и долгогодишната поддршка од Словачка во рамките на Европската Унија и НАТО претставуваат значаен поттик за Северна Македонија на нејзиниот европски пат.

Тој се заблагодари за конзистентната и принципиелна поддршка на Словачка за европските интеграции на нашата земја, како и за активната улога на Словачка во рамките на Вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ.

Во рамките на разговорот, Гаши ја поздрави иницијативата на Словачка за поттикнување на економската ресоцијализација на регионот на Западен Балкан, како и потпишувањето на новиот Меморандум за економска соработка помеѓу министерствата на двете земји, кој ќе создаде нови можности за зголемена трговска размена и инвестиции.

Беше истакнато и значењето на Парламентарниот институт при Собранието на РСМ, кој соработува со сличните институции во Братислава, а словачкиот Парламентарен институт има важна менторска улога во процесот на неговото институционално јакнење.

Претседателот Пелегрини, од своја страна, уште еднаш ја потврди поддршката на Словачката Република кон Северна Македонија, нагласувајќи дека ја смета нашата земја за искрен и пријателски партнер. Тој истакна дека Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија и, како инвеститор во земјата, ќе продолжи да придонесува за нејзиниот институционален и економски развој. Пелегрини додаде дека ваквите односи сигурно ќе се продлабочуваат во сите сегменти на соработката и во годините што следат.

На крајот, двајцата соговорници се согласија дека парламентарната дипломатија претставува суштински сегмент во развивањето на пријателските односи меѓу двете држави, како и дека постои простор за продлабочување на соработката во културата, образованието и економијата.