Додик предлага трет ентитет за Хрватите во Босна и Херцеговина

Макфакс

14/10/2025

11:49

198

Големина на фонт

а а а

Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, предизвика лавина критики од бошњачката страна со својот предлог за формирање трет ентитет во БиХ со цел заштита на политичките права на Хрватите, јавуваат медиумите во Босна и Херцеговина.

Додик со години се залага за реорганизација на БиХ преку формирање трет ентитет и тврди дека тоа е она што го сакаат повеќето Хрвати и нивните политички претставници, но не се осмелуваат отворено да се залагаат за тоа.

Тој го повтори ова во понеделник по средбата со претседателот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, во Бања Лука.

„Веруваме дека трајно решение би било Босна и Херцеговина да биде организирана на таков начин што ќе има три ентитети“, рече Додик во име на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), партијата што е столб на владејачката коалиција во РС, а е и дел од владата на државно ниво.

Тој рече дека Федерацијата на БиХ треба да се подели на бошњачки и хрватски ентитет, кои би станале изборни единици, за да не може никој да се меша во изборните одлуки на членовите на еден од двата конститутивни народи.