„Анима Мунди“ до кандидатите за градоначалници: Односот кон животните е тест за институционална зрелост

Макфакс

14/10/2025

10:38

135

Големина на фонт

а а а

Во пресрет на изборите, Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ апелира прашањето за благосостојбата на животните конечно да стане централно прашање од јавен интерес, а не тема на маргините. Во своето соопштение тие нагласуваат дека односот кон животните покажува дали општеството е хумано или сурово, дали владеат вредности или безредие.

„Анима мунди“ ги повикува сите кандидати за градоначалници да се изјаснат околу осум конкретни барања, меѓу кои: масовна стерилизација, вакцинација и микрочипирање на уличните животни; стационари управувани од активисти и 24/7 итна служба; контрола на сопствеништвото на миленици и стимули за одговорни граѓани; програми за хумана контрола на бројноста на уличните мачки; засилена инспекција и санкционирање на насилството врз животни; забрана за користење коњи како влечни животни во градовите; трансформација на зоолошките градини во центри за рехабилитација и конзервација; изградба на гробишта за миленици.

„Ќе преземете ли одговорност – или ќе останете дел од проблемот?“, прашуваат од „Анима мунди“, додавајќи дека очекуваат јасни и конкретни одговори од сите кандидати.

Платформата зад барањата ја поддржуваат и повеќе организации: „Шепасти ентузијасти Скопје“, „Мали херои Битола“, Paws-2021 / „Шепи-2021“, „Kumanovo Animal Save“, „NARD Macedonia“, „Ејнџелкетс Скопје“, „Е.Д.Е.Н.“ и „Лина спаси живот – Кавадарци“.

Секое јавно изјаснување, најавуваат од здружението, ќе биде споделено преку нивните платформи со 70.000 членови и партнерски страници, како и преку националните и локалните медиуми.