„Населбата Радишани ќе биде во фокусот на серија инфраструктурни и урбани проекти што ќе придонесат за подобри услови за живот, сообраќајна безбедност и уредена јавна средина“. Ова го најави кандидатката за советничка во општина Бутел, Оливера Ливриниќ, нагласувајќи дека приоритет е реализација на конкретни решенија што ќе се спроведуваат во текот на целиот мандат.
Меѓу планираните активности се:
Целосно покривање и уредување на пазарот во Радишани, со што ќе се обезбеди подобра функционалност и услови за граѓаните и продавачите.
Изградба на двокатни гаражи кај двата главни влезови во населбата кај трговскиот центар во Радишани, со што ќе се реши проблемот со паркирањето и сообраќајниот хаос.
Финансиска поддршка за енергетски ефикасни фасади и покриви на колективните згради, за заштеда на енергија и подобар визуелен изглед на населбата.
Воведување на нови автобуски линии во соработка со Град Скопје: Радишани – Визбегово – Карпош и Бутел – Железара – Аеродром, за подобра јавна поврзаност и намалување на сообраќајниот метеж.
Создавање нов парк со зеленило, урбана опрема и вештачка карпа за спортско качување, кој ќе биде место за рекреација на сите генерации.
Поставување улични канти за ситен отпад со цел почиста и поуредна околина.
Реконструкција и асфалтирање на оштетените улици, поставување атмосферска канализација и сообраќајно решение за просторот околу ООУ „Ацо Шопов“, како и проширување на објектот на училиштето.
Инсталирање на лежечки полицајци каде што е потребно, за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.
„Безбедноста не е избор – тоа е обврска. Радишани мора да биде место каде што граѓаните живеат мирно, безбедно и достоинствено,“ изјави Ливриниќ, додавајќи дека сите најавени проекти се дел од сеопфатен план за унапредување на животниот стандард во Општина Бутел.