Европскиот систем за размена на информации за небезбедни производи на заедничкиот европски пазар (RAPEX) нареди итно повлекување од продажба и уништување на лажните кадифени кукли на глобално популарниот бренд „Labubu“.
Опасност по здравјето на децата
Станува збор за кадифени кукли во форма на чудовишта со метален прстен, кои можат да предизвикаат задушување кај малите деца или алергиски реакции поради присуство на штетни хемикалии.
„Производот содржи мал дел кој лесно може да се одвои (метален прстен). Мало дете би можело да го стави во уста и да се задуши. Освен тоа, пластичниот материјал на играчката содржи прекумерни количини на бис(2-етилхексил) фталат (DEHP) и дибутил фталат (DBP), во измерени вредности до 0,02% односно 1,64% по тежина. Овие фталати можат да наштетат на здравјето бидејќи потенцијално негативно влијаат на репродуктивниот систем“, наведува „RAPEX“.
Неусогласеност со ЕУ-стандардите
„RAPEX“ нагласува дека производот не ги исполнува европските стандарди, ниту пак одредбите на ЕУ Директивата за безбедност на играчки. Производител на спорните кукли е „Pop Mart“, а утврдено е дека се работи за фалсификат. Земја на потекло е Кина.
„RAPEX“ издаде известување за повлекување и уништување на кадифените играчки „Labubu Have a Seat“, нагласувајќи дека претставуваат сериозен ризик за здравјето на децата и дека мора итно да се отстранат од пазарот.