Крајно бизарна и речиси неверојатна сцена беше видена на натпреварот од квалификациите во зоната КОНКАКАФ за Светското првенство 2026 помеѓу Костарика и Никарагва.
Непосредно пред почетокот на натпреварот на стадионот „Ла Сабана“ во Сан Хозе, полицијата влезе во соблекувалната со налог за апсење на фудбалер на Никарагва.
Фудбалерот бил упасен поради неплаќање алиментација, што подоцна го потврди и директорот за јавна безбедност на Костарика, Марлон Кубиљо.
„Од лицето кое бара алиментација е добиена судска наредба, со која се наредува апсење на член на никарагванската делегација. Делегацијата е известена, долгот е платен и извештајот е испратен до семејниот судија“, изјави Кубиљо.
Фудбалерот на крајот не бил уапсен бидејќи долгот бил веднаш намирен, а полицијата се повлекла.
Идентитетот на играчот не е објавен, но целата ситуација одекна во јавноста и сега никарагванскиот табор најавува тужба.
„Во Костарика сме повеќе од 48 часа, па зошто доаѓаат во соблекувалната? Ќе поднесеме жалба до ФИФА и КОНКАКАФ. Срамно е што се случуваат вакви работи“, рече Хавиер Салинас, директор на сите репрезентации на Никарагва.
На крајот, Костарика го доби овој натпревар со резултат од 4:1 и сега е израмнета на првото место со Хондурас, со по шест бода.
Никарагва е на дното со само еден бод.