Тихомир Костадинов доби шанса од Благоја Милевски на стартот на вториот дел и играта на македонската репрезентација изгледаше многу подобро во овој период, но иако на крајот создадовме и добри шанси за пресврт, нашите миленици не успеаја да режираат пресврт против Казахстан.
Ремито од 1:1 се доживува како неповолен резултат со оглед на големите амбиции кои ги имавме пред натпреварот, а такво чувство има и Костадинов кој нагласи дека Македонија навреме реагирала и заслужила да оставри победа во финишот.
– Создадовме доволно број ситуации за втор гол, но овојпат не не посака. Штета што не го потврдивме тешко изборениот бод во Белгија, но ова е тежок и исцрпувачки ритам. Тоа е што е, сега ни преостанува уште еден натпревар во Велс и ќе влеземе максимално мотивирани во Кардиф, – изјави Костадинов, кој се обиде да ја објасни летаргичноста на македонските фудбалери во првото полувреме.
– Едноставно како да не држеше заморот од Белгија во првиот дел. Тие беа поагресивни, ги добиваа дуелите насекаде на теренот и понекогаш во фудбалот чувствувате кога противниците се посвежи, поагилни и побрзи. Во вториот дел ја сменивме формацијата и тргнавме поофанзивно и похрабро.
– Вистинска штета е што примивме несреќен гол, но и покрај тоа се вративме и создадовме доволно шанси за победа. Мислам дека заслуживме да победиме, барем со еден гол разлика. Пред три дена се радувавме на бодот со Белгија, но сега не сме задоволни. Тоа е фудбалот, – изјави Костадинов.