Мелони: Италија е еден чекор поблиску до признавање на Палестина

Макфакс

14/10/2025

07:53

127

Големина на фонт

а а а

Италија сега е поблиску до признавање на државата Палестина по постигнувањето договор за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и Хамас, изјави италијанската премиерка Џорџија Мелони, пренесе Анадолија.

„Очигледно, ако планот се спроведе, признавањето на Палестина од страна на Италија сигурно ќе биде поблиску“, изјави Мелони за новинарите на маргините на Мировниот самит во Шарм ел Шеик во Египет, објави АНСА.

Таа нагласи дека Италија сака да го поддржи воспоставувањето палестинска држава, а воедно да продолжи со хуманитарната помош за народот во Газа.

Мелони додаде дека Италија е подготвена да помогне во стабилизирањето на ситуацијата во Газа, вклучително и можноста за испраќање карабинери, доколку тоа го побара резолуција на Обединетите нации.

„Италија е подготвена да го даде својот придонес. Ова е одлична можност, историски ден. Горда сум што Италија е тука“, рече премиерката.

Таа го опиша договорот за прекин на огнот како „голем успех“ за американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи: „Му посакуваме уште поголем успех, почнувајќи од Украина“.