Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Хамас добил зелено светло за внатрешни безбедносни операции во Појасот Газа велејќи дека групата сака да ги запре проблемите и „ние им дадовме дозвола за одреден временски период“.
Палестинската милитантна група, која според предлогот на Трамп за прекин на војната мора да се разоружа и да престане да управува со Газа, распореди внатрешни безбедносни сили во делови од крајбрежната енклава откога примирјето стапи во сила во петокот велејќи дека сака да го запре беззаконието и грабежите и да спречи безбедносен вакуум.
„Тие сакаат да ги запрат проблемите“
Кога новинарите на „Ер форс уан“ го прашаа за извештаите дека Хамас се претставува како полиција и пука врз противниците, Трамп рече „тие сакаат да ги запрат проблемите и отворено зборуваа за тоа, а ние им дадовме дозвола за одреден временски период“.
„Имате речиси два милиона луѓе што се враќаат во уништени згради и многу лоши работи може да се случат. Затоа сакаме да бидеме сигурни дека е безбедно. Мислам дека ќе биде во ред. Којзнае“, рече Трамп.
Газа во урнатини
Поголемиот дел од Газа беше уништен за време на војната што започна со нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Безбедносните сили на Хамас се судрија со членови на кланот во градот Газа во последните два дена.
Министерството за внатрешни работи на Хамас издаде соопштение во неделата, во кое нуди амнестија за луѓето за кои вели дека се приклучиле на банди одговорни за кражба и грабежи под услов да не биле вклучени во крвопролевањето.