Манчестер Јунајтед не успева да ја надмине долгогодишната криза и под водство на Рубен Аморим, а во последниот период португалскиот стручњак добива многу критики и поради тактиката која ја форсира и од која не отстапува.
Играта со тројца фудбалери во одбрана според голем број стручни коментатори е погрешна, но Мајкл Овен смета дека е смешно да се обвинува тактиката за неубедливите резултати на екипата.
– Ако погледнеме во минатото, тие сменија многу менаџери по заминувањето на Фергусон, потоа виновни беа фудбалерите, па потрошија милијарди за играчи, за на крајот најголем дел од нив да бидат промашувања.
– Потоа виновни беа тие што ги купуваа фудбалерите и тие заминаа, па раководството кое се промени со доаѓањето на Џим Ретклиф. Следна беше инфраструктурата па најавија нов стадион, за кратко потоа да избркаат многу вработени, вклучувајќи физитерапевти, доктори и работници во кантината. Најново е дека вината е во играта со тројца играчи во последната линија…
– Ако не грешам, го гледав Јунајтед како игра со четворица во последната линија под водство на Ерик тен Хаг и тоа изгледаше катастрофално, можеби најлошиот фудбал кој сум го видел од Јунајтед.
– Многу одлични екипи изминатиов период играа со тројца фудбалери во одбрана, не велам дека тоа е моја омилена формација, но не се сложувам дека сите проблеми извираат оттаму. Срамно е да кажете дека главна причина за слабите резултати е формацијата, бидејќи не е така. Може да се вратат со четворица во одбрана и играта повторно нема да биде добра, а врескањата ќе продолжат, – рекол Овен.