[ФОТО/ВИДЕО] Војна на повидок: Жесток судир меѓу пакистанските и авганистанските сили – Талибанците влегле на пакистанска територија

Точка

12/10/2025

10:37

1.219

Големина на фонт

а а а

Талибанските и пакистанските сили разменија оган долж авганистанско-пакистанската граница, што предизвика загриженост и повици за смиреност од Техеран, Доха и Ријад.

Вооружените судири претставуваат најсериозна ескалација меѓу двете земји во последните месеци, по воздушниот напад врз Кабул претходно оваа недела, за кој талибанските власти го обвинија Исламабад.

Портпаролот на авганистанското Министерство за одбрана, Енајатулах Хаваризми, изјави дека талибанските сили извршиле „успешни одмазднички операции“ против пакистанските војници по, како што рече, „повторени гранични прекршувања и воздушни напади“ од страна на Пакистан на авганистанска територија. „Операцијата заврши на полноќ“, напиша Хаваризми на платформата Икс.

Од друга страна, пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мохсин Накви, ги нарече нападите на талибанците „неиспровоцирани“ и рече дека Пакистан ќе одговори „со камен за секоја тула“.

„Пукањето од страна на авганистанските сили врз цивилното население е флагрантно кршење на меѓународното право. Нашите храбри сили дадоа брз и решителен одговор – нема да се толерира никаква провокација“, напиша Накви.

Според извештаите на Радио Пакистан, борби избувнале на најмалку шест локации по долж границата, а пакистанската војска одговори со „силен и интензивен оган“. Објавени се и снимки од ноќното небо осветлено од рафали и артилериски оган.

Од Кабул до Хелманд – одговорот на Талибанците

Судирите се случија само неколку дена по серијата експлозии во Кабул и југоисточната покраина Пактика, за кои Талибанците тврдеа дека се резултат на пакистанските воздушни напади. Исламабад не ја презеде одговорноста за нападите, но ја обвини талибанската администрација во Кабул дека им нуди засолниште на борци од Техрик-и-Талибан Пакистан (ТТП), милитантна група која со години извршува напади врз пакистанските сили а според тврдењата на Исламабад со индиска поддршка. Њу Делхи ги отфрла овие обвинувања, додека Талибанците инсистираат дека „не дозволуваат територијата на Авганистан да се користи против други земји“.

Според претставникот на владата на покраината Хелманд, Мавлави Мохамад Касим Риаз, талибанските сили убиле петнаесет пакистански војници и зазеле три воени упоришта, запленувајќи оружје и муниција, помеѓу петок и сабота. Според авганистански извори, борбите зафатиле неколку гранични провинции – Хелманд, Кандахар, Забул, Пактика, Пактија, Хост, Нангархар и Кунар.

„Доколку спротивната страна повторно ја наруши нашата територија, нашите вооружени сили се подготвени решително да ја бранат“, порача портпаролот на авганистанското Министерство за одбрана.

Исламабад возвраќа со артилерија

Според АФП, пакистанските сили одговориле со артилериски напади на четири точки долж границата. „Талибанците почнаа да користат тешко оружје, па ние одговоривме со артилерија. Соборивме три авганистански беспилотни летала за кои се сомневаше дека носат експлозиви“, изјави неименуван висок функционер од покраината Хајбер Пахтунхва.

Иако во моментов нема потврдени жртви од двете страни, извештаите укажуваат на продолжување на борбите. Фактот дека членовите на Техрик-и-Талибан Пакистан ги интензивираа нападите врз пакистанските безбедносни сили во планинските гранични области во последните месеци дополнително ги зголемува тензиите.

Техрик-и-Талибан Пакистан (ТТП), познато и како движење на пакистанските талибанци е идеолошки сојузник на движењето на авганистанските талибанци и ги поддржувале за време на дваесетгодишниот конфликт со меѓународните сили. По преземањето на Кабул од страна на талибанците во 2021 година, Исламабад го обвинува Кабул дека не прави доволно за да ги елиминира борците на ТТП кои ја користат авганистанската територија за напади врз Пакистан.

Според извештајот на Обединетите нации претходно оваа година, ТТП наводно „добива значителна логистичка и оперативна поддршка од де факто властите во Кабул“. Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, неодамна изјави пред парламентот дека сите напори да се убедат Талибанците да престанат да им помагаат на ТТП не успеале. „Нема да толерираме повеќе напади. Обединети, мора да одговориме на оние што ги поддржуваат – без оглед на тоа дали нивните скривалишта се на наша територија или на авганистанска територија“, рече Асиф.

Само еден ден пред да избувнат нови судири, ТТП ја презеде одговорноста за нападите во северозападен Пакистан во кои загинаа 20 безбедносни сили и тројца цивили.

Регионални повици за смиреност

Растечката криза предизвика загриженост во соседните земји и арапскиот свет. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги повика двете страни на воздржаност, нагласувајќи дека „стабилноста меѓу Авганистан и Пакистан придонесува за стабилноста на целиот регион“.


Катар изрази „длабока загриженост“ поради ескалацијата и повика на дијалог, додека Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија ги повика Исламабад и Кабул да „избегнат понатамошен конфликт и да покажат мудрост и одговорност во зачувувањето на мирот“.

„Кралството ги поддржува сите регионални и меѓународни напори насочени кон зачувување на стабилноста и безбедноста и останува посветено на мирот и просперитетот на братските народи Пакистан и Авганистан“, се вели во соопштението на саудиското министерство.