Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври: Да ја сочуваме визијата и храброста на оние што тргнаа во востанички марш

Макфакс

11/10/2025

10:38

148

Големина на фонт

а а а

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи дека овој датум претставува темел на македонската државност и потсетник на храброста, жртвата и единството на нашиот народ.

„Со срдечни честитки го одбележуваме денешниов голем празник, кога им оддаваме почит на сите кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани,“ порача Сиљановска Давкова.

Таа истакна дека востаниците „со крв ја остварија визијата на своите претци за слободна и независна држава“, додавајќи дека нивната борба покажала дека „земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор“.

„Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК,“ нагласи претседателката.

Сиљановска Давкова потсети дека токму обединетоста и сплотеноста биле клучот за победа над неправдата и насилството: „Во драматичните денови на Втората светска војна покажавме дека без оглед на социјалната, етничката, верската или идеолошката припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, 11 Октомври не е само потсетување на славната епопеја, туку повик за нејзино продолжување – со дијалог во мир.“

Во својата порака, претседателката се осврна и на современите предизвици со кои се соочува државата:

„Живееме во тегобно време на војни и закани, оптоварени со проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки.“

„Повторно мора да бидеме обединети и сплотени ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија и спремни за жртвување во ослободителната мисија,“ порача Сиљановска Давкова.

„Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“ – стои во честитката на претседателката на државата.