Кога ќе се спомене „најскандалозен фустан“ или „најбизарен стајлинг“, меѓу првите познати личности кои паѓаат напамет е веројатно Бјанка Ценсори, зарем не?
Но, и старлетата и нејзиниот контроверзен сопруг веќе извесно време се „изгубија од радарот“ и ниту се појавуваат на улица, ниту во медиумите. Затоа е тука Модната недела! Онаа во Париз секогаш била најинтересна – не само затоа што е последна во модниот календар, туку и поради фактот што секогаш можеме да очекуваме нешто неочекувано – дури и кога мислиме дека ништо веќе не може да нè изненади или шокира.
Овојпат за шок-ефектот се погрижи модната куќа „Mugler“. Луксузниот бренд, под креативно водство на португалскиот дизајнер Мигел Кастро Фреитас, приреди една од најлудите ревии во првиот дел од модниот спектакл во главниот град на Франција. Најголем момент на вечерта беше појавувањето на Памела Андерсон со нова фризура во духот на гламурозните осумдесетти, но меѓу сите спектакуларни моменти, шоуто го украде една навистина бизарна креација, која ја понесе и (ласкавата?) титула – најскандалозен фустан на Модната недела во Париз.
Дури и самиот поглед на овој необичен модел предизвикува болка. Кога манекенката излегла на пистата, многумина се заледиле – не затоа што била гола (тоа сме го виделе безброј пати), ниту поради проѕирната креација украсена со сребрени ѕвезди, туку затоа што горниот дел, наместо да има прерамки, бил прицврстен со алки провлечени низ – брадавиците.
Се шокирале дури и оние со најсилен стомак. „Недостасуваа само игли што излегуваат од главата, па да изгледа како лик од хорор-класикот ‘Hellraiser’“, забележал еден од коментаторите.
Прашањето што остана отворено: дали оваа креација навистина ќе се најде во слободна продажба, или беше направена исклучиво за да предизвика „земјотрес“ на модната ревија?
Иако речиси сите модели од „Mugler“ колекцијата за пролет/лето 2026 се проѕирни, креацијата која буквално виси на брадавиците апсолутно води во досегашната трка за најбизарна креација на париската модна сцена.
Но, реномираната модна куќа уште еднаш покажа дека не познава граници кога станува збор за храброст и провокација.