Биткоин собори историски рекорд

Точка

05/10/2025

09:32

688

Големина на фонт

а а а

Биткоин за првпат во своето 17-годишно постоење надмина вредност од 125.000 долари, соборувајќи го на тој начин историскиот рекорд.

Цената на најголемата криптовалута достигна нов рекорд за време на азиското тргување, со речиси 50 милијарди долари промет во последните 24 часа, според податоците на „CoinGecko“.

Како што сè повеќе инвеститори купуваа и ја зголемуваа цената, за само еден час пропаднаа речиси 100 милиони долари обложувања на падот на вредноста на Биткоин, наведува „CoinGlass“. Во последните 24 часа, над 200 милиони долари од тие „short“ позиции мораа да бидат затворени – што значи дека инвеститорите кои се обложувале на пад беа принудени да купуваат Биткоин за да ги покријат загубите. Токму тоа принудно купување дополнително ја зголеми цената.


Комбинацијата од поволни глобални економски услови и сè поголемиот интерес од големите институционални инвеститори му одеше во прилог на Биткоин во текот на целата година. Неколку аналитичари неодамна изјавија за „Decrypt“ дека очекуваат понатамошен раст на побарувачката за BTC, и покрај знаците на можен замор на крипто-пазарот претходно оваа недела.

Безбедно прибежиште во време на криза?

Само оваа недела, вредноста на Биткоин скокна за импресивни 14 проценти.

Растот беше поттикнат од побарувачката на инвеститорите кои се свртеа кон децентрализирана актива, откако американските законодавци не успеаја да постигнат договор околу федералниот буџет, што во средата доведе до блокада, односно затворање на владините служби, пишува „CNBC“.

„Оваа блокада е значајна“, напиша Џеф Кендрик од банката „Standard Chartered“. „За време на претходната блокада под Трамп (од 22 декември 2018 до 25 јануари 2019), Биткоин беше на поинаква позиција отколку денес, па затоа и не реагираше значително“.

„Сепак, оваа година Биткоин се движи во согласност со 'ризиците на американската влада'“, додаде Кендрик.


Очекувања и состојба на другите пазари

Аналитичарите на „Standard Chartered“ очекуваат дека Биткоин наскоро ќе достигне нов врв, а потоа и вредност од 135.000 долари.

Трговците се свртуваат кон криптовалути и други средства како заштита од растечките политички и економски тензии. Цената на златото исто така порасна за 0.5%, достигнувајќи 3.876,55 долари за унца, што претставува неделен раст од над 2 проценти.

И покрај геополитичките неизвесности, инвеститорите во петокот вложија дел од капиталот и во акции. Индексите „S&P 500“ и „Nasdaq Composite“ забележаа дневен раст од 0.5%, односно 0.27%.