Највисокиот мост во светот отворен во Кина: Речиси девет пати е повисок од прочуениот „Golden Gate“

Точка

01/10/2025

18:50

334

Големина на фонт

а а а

По три години изградба, мостот „Хуаџанг“ преку Големиот кањон е отворен за сообраќај во кинеската провинција Гуиџоу, со што патувањето преку кањонот се скрати од два часа на само две минути.

Издигната на 625 метри над реката Бејпан, оваа грандиозна градба официјално стана највисокиот мост во светот. Со главен распон од 1.420 метри, тој е и висечкиот мост со челични решеткасти греди со најдолг распон во планински терен, пренесува "Euronews".


Новиот мост го надмина досегашниот рекордер – исто така мост преку реката Бејпан, оддалечен околу 100 километри, кој беше отворен во 2016 година и има висина од 565,4 метри.


Зад овој колосален проект стои најсовремената инженерска технологија. Градителите користеле сателитска навигација, дронови, материјали со исклучително висока цврстина и паметни системи за надзор, со цел да се постигне милиметарска прецизност.


Мостот е и нова туристичка атракција – посетителите можат со лифтови да се искачат до стаклената платформа со панорамски поглед, да испијат кафе во кафулето на врвот на столбот или дури да пробаат банџи џампинг и падобранство над кањонот.


Во изминатите години, провинцијата Гуиџоу – една од најслабо развиените во Кина – изгради повеќе од 30.000 мостови во својот планински предел, вклучувајќи и три меѓу највисоките во светот. Речиси половина од сто највисоки мостови на планетата се наоѓаат токму во оваа провинција.