Жозе Мурињо ја започна сезоната како тренер на Фенербахче, но откако тимот доживеа елиминација во баражот за Лига на шампиони, португалскиот стручњак заработи отказ и доби шанса за нова авантура во кариерата.
Набрзо после тоа, му се отвори врата на која тешко се кажува „Не“, па Мурињо сега е предводник на Бенфика и вчера се врати на „Стемфорд Бриџ“ како ривал на Челси.
Неговиот тим загуби со 1:0 во еден тесен и изедначен натпревар, а по крајот на истиот, Мурињо одвоил дел од времето и за шпанските новинари, на кои им открил дека се уште има контакт со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.
Мурињо во интервјуто за „Мовистар“ обелодени дека добил една специјална порака набрзо по договорениот ангажман во Бенфика, а истата била од Перез.
– Бев мирен и спокоен во мојот дом после работата во Фенербахче, не размислував за ништо. Не размислував за било какви опции, но потоа дојде понудата од Бенфика. Прифатив зошто станува збор за голем клуб како Бенфика.
– Веднаш по договорот, добив порака од Флорентино Перез со следниот текст: Многу сум среќен што се враќаш во клуб на твое ниво! – откри Мурињо.