Баерн Минхен продолжи да решета и испорача нова „петарда“ оваа сезона, овојпат во Лигата на шампионите против апсолутниот аутсајдер, екипата на Пафос.
Дебитантот во Лигата на шампионите беше целосно надигран и може да биде среќен што прими само пет гола, но исто така, вреди да се напомене дека домаќините се изборија за еден почесен гол, а истиот беше ремек-дело.
Хрватот Мислав Оршиќ потсети на своите најдобри денови од Динамо Загреб и испрати неодбранлив удар во мрежата на Мануел Нојер, а искусниот германски голман, по натпреварот мораше и да го анализира овој момент.
Еден од новинарите во Кипар го запраша Нојер дали можел да го одбрани ударот на Оршиќ, по што следеше една несекојдневна и бизарна конверзација меѓу двајцата:
Новинар: Дали ударот на Оршиќ беше неодбранлив?
Нојер: Да
Новинар: Дали реагиравте прилично доцна?
Нојер: Не, си бил ли некогаш голман?
Новинар: Искрено, не
Нојер: Штета…. Топката во прв момент одеше праволиниски, но потоа го промени својот пат. Најпрво одеше кон мене, но во такви ситуации, тешко е да регирате кога ќе добие друга траекторија. Ако имавте играно фудбал, ќе знаевте за што ви зборувам. Тоа е одговорот на вашето прашање.