Кандидатот за градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, денес одржа прес-конференција на која ја претстави својата изборна програма за следниот четиригодишен мандат.
Касами истакна дека изминатите четири години биле посветени на итни интервенции и решавање на основните проблеми со инфраструктурата, финансиската стабилизација и редот во општината.
– „Тетово денес е многу подобро отколку што беше пред 4 години. Успеавме да реализираме стотици проекти и да вратиме долг од 9 милиони евра. Сега сме подготвени да преминеме на ново поглавје – развој и модернизација на градот“, истакна Касами.
Во својата програма за 2025–2029 година, тој предвидува целосно решавање на проблемите со водоснабдување и отпадни води, модерна канализациона и улична инфраструктура, електрични автобуси и бесплатен јавен превоз, дигитализирани јавни услуги и стратегија за паркирање.