Венс: САД размислуваат за испорака на ракети „Томахавк“ на Украина

Макфакс

29/09/2025

10:01

167

Големина на фонт

а а а

Соединетите Американски Држави го разгледуваат барањето на Украина за испорака на ракети „Томахавк“, изјави во неделата американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Вашингтон да ги продаде овие ракети на европските земји, кои потоа ќе ги проследат до Украина.

Венс изјави за „Фокс њуз“ дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја донесе „конечната одлука“ дали да дозволи таков договор.

„Секако разгледуваме неколку барања од Европејците“, рече Венс.

Ракети што можат да стигнат до Москва

Ракетите „Томахавк“ имаат дострел до 2.500 километри, што значи дека во украински раце би можеле да стигнат до Москва. Русија би го сметала обезбедувањето на такво оружје за Киев како ескалација на војната, пишува „Ројтерс“.

Трамп ги отфрли украинските барања за ракети со долг дострел во минатото, но оттогаш е фрустриран од одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да ја запре војната.

Кит Келог, специјалниот претставник на САД за Украина, откри дека Трамп навестил дека на Киев сега можеби ќе му биде дозволено да започне напади со долг дострел во Русија.

„Читајќи што кажа Трамп, како и што кажа потпретседателот Венс, одговорот е „да“. Искористете ја таа можност за да напаѓате длабоко. Нема безбедни засолништа“, изјави Келог за „Фокс њуз“ во неделата.