По видеото со кокаинот, нов скандал за директорот на Неврологија: Д-р Кузмановски 7 месеци немал дозвола за работа

Точка

13/10/2025

14:50

835

Големина на фонт

а а а

Лекарската комора на Македонија во моментов не може да му ја одземе лиценцата за работа на разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, бидејќи тој воопшто нема активна лиценца, потврдуваат од институцијата за „Плусинфо“.

Од Комората објаснуваат дека лиценцата на Кузмановски истекла уште на 15 март годинава, а тој дури минатата недела поднел барање за нејзино продолжување. Засега, постапката за обновување е во тек, а неговото име не се наоѓа на официјалниот список на активни лекари објавен на веб-страницата на Комората.


„Д-р Игор Кузмановски моментално нема активна лиценца за работа, бидејќи нејзината важност истекла на 15.03.2025 година. Тој има поднесено барање за нејзино продолжување, а Комората ги разгледува сите аспекти поврзани со последните случувања. Се прибира документација и информации од надлежните институции, по што јавноста ќе биде информирана за мерките што ќе се преземат“, велат од Лекарската комора за „Плусинфо“.

Лиценцата за работа се издава за период од седум години. Барањето за обновување на лиценцата за работа по правило се поднесува најмалку 30 дена пред истекот на важноста на лиценцата за работа, што значи дека Кузмановски требало да побара продолжување на 15 февруари.

За потсетување, на социјалните мрежи во петокот се појави видео на кое се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото. Два часа подоцна, тој беше разрешен, а викендов се појави анонимно писмо во медиумите, потпишано наводно од колеги од Клиниката за неврологија во кое му изразуваат поддршка.