Во мусаката од првата смена пронајдени бактерии, истите откриени и на чешмите во училиштето „Димо Хаџи Димов“

Макфакс

28/11/2025

17:03

578

Големина на фонт

а а а

По стомачните тегоби кај десетици ученици во „Димо Хаџи Димов“, инспекциите утврдија нехигиена на чешмите во училниците и кујната. На Клиниката за детски болести моментално се лекуваат седум деца.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во примерок од мусаката која се служела во првата смена биле пронајдени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae. Исти бактерии, кои се индикатор на фекална контаминација, и предизвикуваат дијареа, повраќање, болки во стомакот, се откриени и на три чешми во училиштето – две во училниците и една во кујната.

„Од девет земени површини, три се позитивни – чешмите во две одделенија и една од кујната. Најдени се бактерии од групата Enterobacteriaceae. Овие бактерии даваат ваква клиничка слика каква што имаат веќе заболените, и укажуваат на нехигиена. Донесени се материјали за две деца од фецес, е едно е позитивно на норовирус – вирус кој се пренесува многу лесно и долго време живее на работните површини, како што се маси, столчиња. Брисевите од грло и нос од пет деца во текот на вчерапниот ден се негативни за ковид, а се чекаат резултати за други вируси“, изјави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.


Од Институтот додаваат дека бројот на примероци и материјали е голем и дека анализите се во тек. ИЈЗ е во постојана координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за детски болести.

Случајот започна на 26 ноември, кога околу 40 ученици се пожалија на стомачни болки. ЈП „Водовод и канализација“ претходно информираше дека водата во училиштето е санитарно исправна по направените физичко-хемиски и микробиолошки анализи.


Во меѓувреме, инспектори од АХВ спроведоа вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош, кои се снабдуваат од истиот оператор со храна, кој го стопанисува и централниот магацин во „Димо Хаџи Димов“.