Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, се залага замрзнатите руски средства во Европа да се користат за стекнување средства за одбрана на Украина, објавува „Фајненшл тајмс“.
„Европската унија би можела да ѝ даде на Украина бескаматен заем во износ од 140 милијарди евра, а замрзнатите руски средства во Европа би послужиле како гаранција“, напиша германскиот канцелар Фридрих Мерц (Христијанско-демократска унија ЦДУ) во гостинска статија за „Фајненшл тајмс“.
Како што рече Мерц, Украина ќе го врати заемот само кога Русија ќе ја компензира за штетите предизвикани за време на војната. Така, помошта на ЕУ за Украина би се финансирала со заем, а не со средства од националните буџети како порано, а средствата на Руската централна банка, кои се блокирани во Белгија, би послужиле како депозит.
Во исто време, Мерц нагласи дека е против конфискацијата на рускиот имот бидејќи тоа би било спротивно на меѓународното право.
Мерц рече дека е време Русија да биде принудена на преговарачка маса.
Тој рече дека ќе разговара за оваа тема со колегите од Европската Унија на претстојниот самит во Копенхаген.
Претседателката на Европската комисија – и партиска колешка на Мерц – Урсула фон дер Лајен, исто така, пред две недели рече дека треба да се најде начин за користење на замрзнатите руски средства во Европа за поефикасна одбрана на Украина од руската агресија.