Македонија остана прва на табелата по септемврискиот прозорец, а во месец октомври ја чекаа два големи предизвици, од кои оној првиот е посебно тежок.
Нашата најсилна репрезентација ќе замине во Гент на гостување кај главниот фаворит во нашата група, па во најавата за дуелот со Белгија, денеска пристигна вест дека избраниците на Благоја Милевски ќе имаат поддршка од трибините.
Фудбалската Федерација на Македонија денеска излезе со кратко соопштение со кое информираше дека се продадени сите билети за гостинските навивачи во Гент, со што е пополнет цел капацитет на делот од трибината на кои ќе има македонски фанови.
– Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) информира дека сите билети наменети за македонските навивачи за квалификацискиот натпревар Белгија – Македонија (10.10.) за пласман на СП 2026 се целосно распродадени. Во изминатите три недели на располагање беа ставени речиси 1.000 билети, кои беа понудени за продажба преку официјалната платформа на ФФМ и се целосно резервирани од нашите поддржувачи.
– Упатуваме голема благодарност на навивачите за интересот и поддршката која македонската репрезентација ќе ја има во Гент за мечот против Белгија. Поради релативно малиот капацитет на стадионот во Гент, немаме можност за дополнителна количина на билети, – гласи објавата на ФФМ.