Алварез реализираше хет-трик, па го најави големото дерби против Реал со амбициозна изјава

Дерби

25/09/2025

13:09

724

Големина на фонт

а а а

Хулијан Алварез имаше ѕвездена вечер на „Метрополитано“ и уште еднаш потврди дека е убедливо најдобар играч на Атлетико во овој момент, па така речиси сам најде решение за Рајо Валјекано во тесната дерби пресметка во Мадрид.

Аргентинецот постигна хет-трик за драматична победа од 3:2 и последниот гол беше вистинско ремек-дело, па сосема очекувано, по крајот на натпреварот се најде во фокусот и кај шпанските новинари.

Причина за тоа е и натпреварот кој следи во Ла Лига претстојниот викенд, бидејќи по тешката победа над Рајо, Атлетико сега ќе игра голема дерби пресметка против Реал Мадрид на домашен терен.

– Ова беше важна победа и сега треба да одмориме неколку дена. Секако дека во мислите ни е натпреварот со Реал, но ќе играме на домашен терен и пред своите навивачи. Подготвени сме за тоа што следи, очекуваме убав фудбалски спектакл и ќе дадеме се од себе за да победиме и да освоиме три бода, – изјави Алварез кој вчера беше херој на Атлетико.

– Пред неколку дена не реализирав пенал и бев трагичар, а сега дадов три гола. Таков е фудбалот, треба да се продолжи со напорна работа и да му се помогне на тимот во секој сегмент, – изјави популарниот „Арања“.