Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк, оствари низа билатерални средби и учествуваше на значајни мултилатерални настани.
Во одвоени средби со неговите колеги – министерот за надворешни работи на Кипар, Константинос Комбос, и министерот за надворешни работи на Султанат Оман, Сајид Албусаиди – беше потврдена заложбата за понатамошно унапредување на односите. Со министерот Комбос акцентот беше ставен на поддршката за европската интеграција и улогата на Кипар како земја-членка на ЕУ, која од јануари 2026 година ќе го преземе претседавањето со Унијата. Во разговорите со министерот Албусаиди, пак, фокусот беше насочен кон развој на билатералната соработка, особено во областа на трговијата и економијата.
Муцунски учествуваше и на Првиот биенален Самит за одржлива, инклузивна и отпорна глобална економија, каде ја нагласи улогата на Обединетите Нации во справувањето со глобалните предизвици и ја истакна посветеноста на државата кон спроведување на Целите за одржлив развој, усогласени со Националната стратегија за одржлив развој.
На покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, министерот Муцунски присуствуваше и на работниот појадок со групата „Пријатели на Западен Балкан“, каде се разговараше за европската перспектива на регионот, стабилноста и регионалната соработка. Муцунски нагласи дека земјата останува цврст и конструктивен партнер на Европската Унија – посветена на реформите, владеењето на правото и економскиот раст, известува Министерството за надворешни работи.