[ВИДЕО] Ова е најдобрата украинска стратегија од почетокот на војната: „Ги погодуваат Русите таму каде што најмногу ги боли“

Точка

19/09/2025

20:01

986

Големина на фонт

а а а

Украина ги засили нападите врз руската нафтена индустрија, а според рускиот економист Владислав Иноземцев, оваа стратегија е „најефикасното нешто што Украина може да го направи“ за да ѝ наштети на руската воена машинерија.

Сепак, тој предупреди дека ова нема да ја скрши армијата ниту да ја запре војната, пишува „Euronews“.

Само за една ноќ, два силни напади врз рафинерии, едниот на 1300 км од фронтот

Во текот на ноќта кон четврток, Украина нападна една од најголемите руски рафинерии за нафта во Република Башкортостан, дури 1300 километри од линијата на фронтот. Во одделен напад, украинските специјални сили, исто така, нападнале рафинерија во регионот Волгоград, на околу 450 километри од фронтот, која игра клучна улога во снабдувањето со гориво на руската армија.

Рафинеријата е најголемиот производител на нафтени деривати во Јужниот федерален округ, преработувајќи 15,7 милиони тони сурова нафта годишно, или 5,6% од вкупниот капацитет на Русија. Поради ваквите напади, постројките што сочинуваат најмалку 17% од рускиот капацитет за рафинирање на нафта, или 1,1 милион барели дневно, биле принудени да престанат со работа.

„Санкции што најбргу делуваат“

Руската влада во голема мера се потпира на приходите од нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет и се клучни за финансирање на војната. Затоа нападите врз нафтената инфраструктура се логичен чекор за Киев, а украинскиот претседател Володимир Зеленски ги нарече „санкции што најбргу делуваат“.

„Многу е подобро да се нападне рафинерија отколку фабрика за дронови“

Економистот Иноземцев објасни дека нападите врз рафинерии имаат многу поголемо влијание отколку, на пример, нападите врз фабрики за дронови. „Да речеме дека дрон нападнал таква фабрика, ќе бидат потребни три дена за да се обнови сè. Но, ако погодите рафинерија за нафта – последиците се многу посериозни, би горела со недели“, рече тој.

Тој додаде дека опремата во рафинериите, која е претежно европска и американска, речиси е невозможно да се замени поради западните санкции. „Тешко е да се замени со кинеска опрема“, истакна тој.

Нападите предизвикаа значителен пад на производството, особено бензин, што доведе до недостиг низ целата земја. „Пад од 10% на производството на бензин очигледно е дефицит за економијата во целина“, рече Иноземцев.

„Сите зборуваат за проблемите со бензинот. Тој постои, го создадоа Украинците“

„А ситуацијата со бензинот е забележлива. Сите зборуваат за проблемите со бензинот. И тоа е вистина, тој постои, а Украинците го создадоа“. Како резултат на тоа, биле забележани долги редици на бензинските пумпи во неколку региони, а властите прибегнаа кон мерки за штедење.

„Украинците ја погодија вистинската мета“, нагласи Иноземцев, додавајќи дека недостигот на гориво, затворањето на аеродромите и прекините на интернет се три работи што ги засегаат сите Руси.

Може ли Москва да го поправи ова?

Иако Русија останува втор најголем извозник на нафта во светот, сезонската побарувачка се зголемува и украинските напади ѝ предизвикуваат големи проблеми. За да ги ублажи недостатоците, Москва го суспендираше извозот на бензин до крајот на септември, а делумно и до крајот на октомври.

Како долгорочно решение, според Иноземцев, „се разгледува потребата од создавање систем за ракетна одбрана, заштита од беспилотни летала околу овие претпријатија и така натаму, што би било многу скапо“.

Ова значи дека ресурсите ќе бидат пренасочени од остатокот од економијата. Владата, исто така, наводно размислува за зголемување на стапката на ДДВ за да го држи буџетот под контрола. Иноземцев истакна дека руската економија е погодена, но дека руската војска и војната остануваат недопрени во оваа фаза.

„Украинските удари се случуваат низ целата земја“

И покрај санкциите, руската економија растела, но сега се очекува да забави, со инфлација над 8%. Околу 40% од приходите и голем дел од работната сила се фокусирани на одбраната и безбедноста.

„Во принцип, влегуваме во ситуација каде што најверојатно ќе имаме нула раст во наредните години, но истовремено секогаш ќе има доволно за војна“, рече Иноземцев. Тој смета дека ударите врз нафтената индустрија имаат и подлабок, психолошки ефект.

„Украинските удари веќе се случуваат низ целата земја. Тоа им дава до знаење на луѓето дека работите не одат добро и дека владата не може ништо да стори во врска со тоа“, објасни тој. Иако ова ќе ги зголеми трошоците и незадоволството, Иноземцев заклучува дека „тоа не го загрижува Путин“.

„Путин е апсолутно сигурен дека за една или две години Западот и Украина ќе се распаднат. Тој сака да продолжи да притиска“, заклучи Иноземцев.