Министерството за јавна администрација и Амбасадата на Република Франција денес потпишаа меморандум за соработка, со што почнува нов стратешки проект насочен кон модернизација на институциите и градење професионална, ефикасна и доверлива јавна администрација. Проектот „Јакнење на капацитетите и професионализација на администрацијата“ се реализира во партнерство со Националниот институт за јавна администрација на Франција (INSP), Генералната дирекција за администрација и јавна служба (DGAFP), како и со Центарот за управување со промени (ЦУП) – организација која со своето искуство и експертиза дава значаен придонес во креирањето на реформите.
Главните цели на проектот се насочени кон воспоставување академија за обука и стручно усовршување на административните службеници во рамките на Министерството за јавна администрација и зголемување на професионализацијата на административните службеници преку размена на искуства и развој на современи пилот-програми за обуки.
„Ова партнерство ја потврдува нашата одлучност да изградиме модерна администрација – двигател на развојот, сигурен партнер на граѓаните и столб на нашите европски амбиции. Ова е инвестиција во иднината на државата и во институции што ќе ја враќаат довербата на граѓаните“, рече министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Клучен резултат од оваа соработка од Министерството велат дека ќе биде воспоставувањето на академијата за обука и стручно усовршување на административните службеници – институција што ќе обезбеди континуирано знаење, практични вештини и професионален развој за сите вработени во администрацијата.
Меморандумот го потпишаа амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, и министерот за јавна администрација, Горан Минчев.