Меѓународен ден на еднакви плати: Жените во Македонија сè уште заработуваат помалку од мажите

Макфакс

18/09/2025

15:01

226

Големина на фонт

а а а

Денеска, светот го одбележува Меѓународниот ден на еднакви плати, кој потсетува на потребата од еднакви можности и фер однос на работното место. По тој повод, Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) предупредува дека родовиот јаз во платите останува сериозен проблем и покрај долгогодишната законска рамка што гарантира еднаква плата за иста работа.

Според податоците, жените на глобално ниво заработуваат речиси 20 % помалку од мажите, а во Европската Унија просечниот јаз изнесува 12,7 %. Во Македонија разликата во 2022 година била 13,5 %, со просечна годишна бруто-заработувачка од 615.725 денари кај мажите и 532.625 денари кај жените. Најголеми разлики се бележат кај вработените на возраст од 45 до 49 години и кај оние со високо образование.


GEA укажува дека овие нееднаквости се резултат на дискриминација на пазарот на трудот, пониска застапеност на жените на раководни позиции и концентрирање во сектори со пониско вреднуван труд. Дополнително, повеќето од примателите на минимална плата се жени.

„Овие разлики не се само прашање на правичност, туку и на економска рационалност. Жените претставуваат најголемиот неискористен потенцијал за економски раст“, порачаа од Алијансата додавајќи дека намалувањето на родовиот јаз во учеството на пазарот на труд би донело значителен раст на глобалниот БДП.

GEA апелира институциите, работодавците и општеството да обезбедат еднаков третман, фер застапеност и реални можности за напредок на жените нагласувајќи дека родовата еднаквост е предуслов за одржлив развој и праведно општество.