Владата ќе обезбеди 700.000 евра за реконструкцијата на најстариот спортски комплекс во Куманово, најави Мицкоски

Макфакс

17/09/2025

15:41

129

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети општина Куманово, каде заедно со градоначалникот најави реконструкција на најстариот спортски комплекс „Соколана“. За овој проект, Владата ќе обезбеди 700.000 евра.

„Сакам да изразам задоволство што сум еве денеска заедно со градоначалникот овде во Куманово, да честитам за сето она коешто го прави изминатиов период, но исто така заеднички да сработиме уште повеќе во периодот којшто следи. Еден од тие објекти е и овој за којшто веќе градоначалникот зборуваше,“ изјави Мицкоски.

Тој се заблагодари и на советниците и општинската администрација, за кои, како што рече, „ја поддржуваат успешната работа на градоначалникот“.

Посетата на спортскиот комплекс следела по средбите со стопанственици од Куманово, кои, според Мицкоски, упатиле исклучително позитивни коментари за соработката со општината.

„Заедно Владата, Општината, градоначалникот правиме исклучително добри работи и ќе продолжиме да правиме исклучително добри работи за Куманово,“ рече тој, додавајќи дека посебна благодарност упатува и до пратениците од Куманово „коишто се борат Куманово да има проект повеќе којшто ќе биде финансиран од страна на Владата“.

Мицкоски нагласи дека реконструкцијата на „Соколана“ ќе чини околу 700.000 евра и средствата ќе бидат обезбедени од Владата. „Проектот е изработен, останува уште ние како Влада да ги обезбедиме средствата, во што сум сигурен, средствата ќе бидат обезбедени и ќе почне реконструкцијата на овој објект,“ истакна премиерот.