[ВИДЕО] Граѓани го блокираа мостот „Близнаци“: Секој ден без акција значи уште еден ден вдишување отрови

Макфакс

15/09/2025

11:43

454

Големина на фонт

а а а

Граѓани утрово од 7 часот и 30 минути еден час ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнаци“ помеѓу општините Аеродром и Гази Баба.

„Овој чекор го преземаме поради немањето слух на надлежните органи за нашите барања и сѐ поголемото труење кое му се прави на овој народ“, велат од „Стоп за Вардариште“.

Од таму велат дека ќе блокираат секој ден се додека не се исполнат нивните барања:

– Итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата.

– Континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења.

– Поставување ограда околу целата депонија.

– Поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7.

– Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди.

– Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста.

– Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.

„Сакаме да ја алармираме јавноста и надлежните институции за сериозниот и континуиран проблем со палењето на депонијата Вардариште, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата и водата во Скопје и околината.

Граѓаните кои живеат во близина на депонијата, како и сите жители на градот, се изложени на штетни гасови, чад и канцерогени честички кои се ослободуваат при палењето на отпадот. Медицински лица постојано предупредуваат јавно за последиците по нашето здравје, особено по здравјето на децата. Овој проблем не е нов, но неговата зачестеност и интензитет во последните месеци достигнаа алармантно ниво.

Според официјални податоци уште од 2014 г., на локацијата се претпоставува дека биле депонирани околу 2.500.000 м3 отпад. Точното количество на отпадот не се знае, како ни неговиот состав. Анализите укажуваат на високозагадена и контаминирана средина, како и дека покрај комунален е складиран и индустриски отпад. Резултатите од мониторингот уште во 2013/2014 г. укажувале на многу негативно влијание врз животната средина, особено врз подземните води.

Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови“, наведуваат од „Стоп за Вардариште“.