Иако Центарот за обука на МВР беше отстапен за сместување на жителите од Трубарево кои живеат во близина на складиштето за електронски отпад каде што вчера избувна пожар, до денес таму нема доброволно евакуирани граѓани.
Информацијата ја потврди портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција.
„Во делот на евакуацијата, пред почетокот на прес-конференцијата разговарав со министерот за внатрешни работи и информациите коишто ги добив се дека нема лица кои доброволно се евакуирале во Центарот за обука. Дали е состојбата променета во овие час и половина, немам информација“, рече Митева.
Министерот Панче Тошковски синоќа им препорача на оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови, повикувајќи се на мерења на квалитетот на воздухот кои покажале дека во непосредна близина до 150 метри од опожарените складишта има високо ниво на штетни супстанци и состојбата се смета за високоризична.