Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи (13 септември 1995) меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. Во чест на три деценискиот јубилеј се спроведуваат и планираат низа активности во двете држави, а централниот настан се одржа вчера во Клубот на пратениците во Скопје.
На настанот се обратија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Министерот Муцунски во своето обраќање истакна дека одбележуваме три децении партнерство кое помогна македонскиот народ да стане посилен, послободен и поуспешен: „Од првите денови на независноста, македонскиот народ чувствуваше дека Соединетите Американски Држави стојат покрај него. Во клучни мигови таа поддршка беше одлучувачка. Особено ја паметиме одлуката од 2004 година за признавање на нашето уставно име – чин што остави длабока трага во срцата на македонскиот народ и потврди дека нашата демократија и нашата независност се важни. Нашата соработка доби институционална рамка со Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година, а во 2022 година во Вашингтон ја унапредивме со воспоставувањето на Стратешкиот дијалог – механизам кој отвора пат за подлабока соработка во безбедноста, економијата, енергетиката и образованието.“
Министерот потсети и на соработката во делот на одбраната и придонесот кон стабилноста и безбедноста:
„Денес сме и НАТО-сојузници. Заедничките цели и добрата координација потврдени на Самитот во Хаг, како и лидерството на претседателот Трамп, направија Алијансата да излезе уште посилна и пообединета. Македонскиот народ ќе продолжи да придонесува кон оваа заедница на слобода и безбедност. Горди сме на извонредната соработка на нашата Армија со Националната гарда на Вермонт, како и на учеството во меѓународни мисии и во Глобалната коалиција против тероризмот. Тоа е нашиот придонес кон светот – стабилност, партнерство и сигурност,“ додаде тој.
„Во време на глобални кризи – безбедносни, економски и општествени – пријателството со Соединетите Американски Држави е темел на стабилност и надеж,“ порача Муцунски, изразувајќи уверување дека и следните три децении ќе бидат години на доверба, надеж и напредок за македонскиот и американскиот народ.
Амбасадорката Агелер, од своја страна, потсети дека пред три децении Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија формализираа партнерство засновано на доверба и заедничко почитување на демократските вредности: „Од тогаш, заедно му покажавме на светот што може да се постигне со силина, компромис и трпелива решителност. И покажавме како изгледа вистинско пријателство и партнерство.“
Таа изрази уверување дека и во следните 30 години двете држави ќе продолжат да работат заедно во насока на продлабочување на ова вредно партнерство: „Ќе ги прошириме трговските врски, ќе се бориме против корупцијата, ќе ја модернизираме соработката во одбраната, ќе ја поттикнеме дигиталната трансформација и ќе продолжиме со изградбата на енергетската инфраструктура која обезбедува независност и раст.“
На свеченоста присуствуваа претседателката Гордана Силјановска – Давкова, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри од Владата, претставници на дипломатскиот кор и истакнати општествени личности од различни сфери кои дале значаен придонес во развојот на партнерството и соработката меѓу двете држави во изминатите 30 години.