Министерството за здравство учествуваше на XXI Конгрес на лекари во организација на Македонското лекарско друштво, каде во фокусот на еден од панелите беше дигитализацијата и новите технологии во здравството.
Во рамки на Fireside Chat дискусијата „Solving Human Health“, министерот Алиу нагласи дека граѓаните денес се технолошки подготвени повеќе од кога било досега, што претставува основа и обврска за поголемо дигитално учество во здравствениот систем.
„Нашата цел е едноставни и практични решенија што ќе носат директна корист за пациентите: полесен пристап до податоци, навремени информации и сигурност дека нивните податоци се заштитени. Системот ‘Мој Термин’, апликацијата ‘Мое Здравје’ и идните национални мрежи за радиологија и телемедицина се чекор напред во таа насока. Верувам дека со зголемување на интероперабилноста, анализа на податоци и примена на нови технологии, ќе создадеме поефикасен и поправеден здравствен систем,“ истакна министерот Алиу.
Свое учество на оваа панел дискусија имаше и Далибор Фруниќ, извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство.
„Дигитализацијата на здравството во Македонија е на светско ниво и податоците кој постојат се богатство кое ќе овозможи напредни чекори во вештачка интелигенција и ‘data-driven decisionmaking’, за бенефит и на системот и на клиничка пракса“, рече Далибор Фртуниќ извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство.
На панелот беше истакната потребата од: целосна интероперабилност на системите и размена на податоци, поголема употреба на постоечките алатки за анализа и предвидување на потребите, воспоставување на национална радиолошка мрежа (PACS) и пилот проекти за телемедицина, глобална соработка со европски и меѓународни иницијативи.
Преку новите дигитални решенија ќе се овозможи поефикасно управување со листите на чекање, следење на епидемиолошки состојби и поголема ефикасност на скрининг програмите.
Министерството за здравство останува посветено на создавање на модерен дигитален систем кој ги става пациентите во центарот на здравствената заштита.