Бабата на 22-годишниот Тајлер Робинсон, уапсен под сомнение дека е одговорен за убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк, тврди дека ФБИ направило грешка и дека нејзиниот внук нема никаква вина. Кирк беше застрелан со еден истрел додека присуствуваше на настан во Универзитетот Јута Вали, пред три дена, пишува „Unilad“.
По интензивна потрага, ФБИ вчера потврди дека Робинсон е приведен како главен осомничен. Набргу по објавата, неговата баба Деби Робинсон со солзи во очите за „Дејли Мејл“ изјавила дека Тајлер е тивок, вреден и срамежлив млад човек, кој никогаш не покажувал интерес за политика, иако потекнува од републиканско семејство.
„Тајлер е најсрамежливата личност што ја познавам. Никогаш не зборуваше за политика, иако скоро сите во нашето семејство сме републиканци. Навистина сум збунета“, вели таа.
Полицијата соопшти дека уапсениот бил идентификуван по дојава од член на семејството, но Деби додава дека не верува нејзиниот внук некогаш ракувал со оружје.
„Да бидам искрена, не мислам дека некогаш испукал куршум. Никогаш не ловел, ниту пак поседувал оружје. Едноставно нема шанси да направи нешто вакво“, изјави таа, нагласувајќи дека Тајлер е „добро и мирно момче“ кое никогаш немало проблеми со законот.
Сепак, овие зборови се косат со изјавата на гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, кој тврди дека Робинсон наводно во разговори со семејството изразувал несогласување со ставовите на Кирк и станал „пополитички активен“ пред пукањето.
Иако е убедена дека ФБИ ја промашило целта, Деби рече дека најдлабоко сочувствува со сопругата и децата на Кирк. Робинсон беше приведен во неговиот дом во јужна Јута, а доколку биде прогласен за виновен, се соочува со можност за смртна казна.