Откако американските власти ги објавиле фотографиите од лицето кое било барано за убиството на политичкиот активист, Чарли Кирк, таткото на Тајлер Робинсон го препознал својот син и се соочил со него, пренесува „Си-би-ес њуз“ повикувајќи се на извори од федералните полициски агенции.
Според истите извори, Робинсон пред својот татко признал дека тој е лицето од фотографиите. Таткото го убедувал да се предаде, но младиот човек одбил, заканувајќи се дека попрво би си го одзел животот одошто да заврши зад решетки.
Во драматичната ситуација, таткото побарал помош од семеен пријател – свештеник за млади, кој воедно е и судски службеник за обезбедување. Свештеникот на крај ја повикал американската полиција, која го привела Робинсон и го држела на безбедно до пристигнувањето на агентите на ФБИ. Младиот човек потоа бил предаден во притвор.