Археолозите откриле минијатурна статуа на древниот египетски бог Патаикос во античкиот град Пере (Пирин) во Адијаман, Турција.
Се верува дека ова е првиот таков предмет откриен во Анадолија, на југоистокот од земјата.
По испитувањето на предметите пронајдени на локалитетот Пере, било утврдено дека амајлијата од фајанс (вид керамички материјал) го претставува египетскиот бог Патаикос, кој се сметал за заштитник. Монистра и други амајлии биле пронајдени на еден ѓердан. Тоа било откриено во гробница стара 2.100 години, која датира од хеленистичкиот период. Фигурата на богот Патаикос се смета за многу ретка.
„На археолошкото наоѓалиште Пере, пронајдовме скали долги 840 метри што водат кон вечноста, од кои 200 метри беа откриени само оваа година. Како резултат на тоа, многу важни гробници беа откриени на источната и западната страна“, рече Мехмет Алкан, директор на Музејот во Адиаман.
Античкиот град Пере бил еден од петте главни градови на античкото кралство Комагена во тој дел од Турција, кое постоело од 163 година пр. н. е. до 72 година од н. е. Ѓерданот со фигурата на египетскиот бог е најголемото парче на ѓердан или низа од монистра што некогаш е пронајдено. Тоа е првиот приказ на овој египетски бог пронајден во Анадолија.
„Комората во која моментално работиме содржи 14 гробни места, изградени во хеленистички стил. Ова е прв пат да наидеме на таква структура во античкиот град Пере. Најважно од сè, ја пронајдовме фигурата на богот Патаикос“, нагласи Алкан.
Пере имал стратешка локација на патот помеѓу Малатија и Самосата, други големи градови во Кралството Комагена. Бил место за одмор на патниците, но и место за надополнување на резервите со храна. Културата била мешавина од хеленистичка, грчка, персиска и локална, анадолска.