Чадењето од депонијата Дрисла е се уште присутно, но во многу помал обем и не е причина за маглата, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој извести дека во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата Дрисла од кој имаше чадење.
„Денес затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејки вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка“, кажа Ангелов.
Директорот на ДЗС информираше дека дивата депонија „Вардариште“ е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење.
Ангелов најави прес-конференција за денеска, на која ќе излезе со дополнителни информации за сите досега преземени активности, вклучително и оние кои се преземаат во текот на денешниот ден.