[ФОТО] Отворена една од најуникатните метро-станици во Европа: Има библиотека со 16.000 книги и вертикална градина со зачини

Точка

10/09/2025

12:31

654

Големина на фонт

а а а

Како да го скратите времето додека чекате јавен превоз? Со гледање на мобилниот телефон, ќе речат повеќето луѓе, а ова може да се види на која било станица насекаде низ светот.

Но во Варшава, решиле на патниците да им понудат нешто поинакво. На станицата Кондратович на линијата М2 во населбата „Targówek“, Варшава, оваа недела се отвори „Метротека“, библиотека со површина од 150 квадратни метри каде што можете да позајмувате книги, да читате, да поминувате време дружејќи се и разговарајќи.


Изложени се 16.000 книги, а посебна атракција е зелената вертикална градина

„Метротека“ има околу 16.000 книги достапни за патниците, а има и две читални, една за деца и една за возрасни. Книгите може да се позајмат преку „експресна“ самопослужна каса со бесконтактни чипови, пишува „Гардијан“, и да се вратат на истата локација или преку посебен орман за книги достапен 24 часа на ден.


Исто така, постои заедничка просторија за работа и учење, а посебна атракција е вертикалната градина со зачински билки што му дава на подземниот простор посебна атмосфера.


Веќе првиот ден биле позајмени повеќе од 400 книги

Подземната библиотека се отвори минатата недела, а на отворањето беше нагласено дека желбата е „Метротека“ да стане образовен и културен центар на градот, а не само место за позајмување книги.

Зелениот ѕид, на кој растат босилек, оригано, темјанушки и друго, како што е најавено, ќе се користи и за дискусии за безбедноста на храната, одржливоста и климатските промени. Дека идејата може да оживее беше очигледно уште првиот ден, кога биле позајмени повеќе од 400 книги, главно лектири, патописи и прирачници.


Националната библиотека сака да ги поттикне Полјаците да читаат: Само 41% од нив прочитале барем една книга минатата година

Иновативниот модел е дизајниран, пишува „Гардијан“, да ги охрабри Полјаците да читаат. Според податоците од Националната библиотека на Полска, само 41% од испитаниците прочитале барем една книга минатата година, што е значителен пад во споредба со 1990 или 2000 година. Директорот на Националната библиотека, Томаш Маковски, истакна дека за време на Втората светска војна, Полска изгубила дури 70% од своите библиотеки, па затоа многу генерации не пораснале со глетката на бескрајни полици со книги.

Мисија: Да се сруши стереотипот дека библиотеките се тивки и затворени места

Отворањето библиотека на подземна метро-станица, исто така, го руши стереотипот за библиотеките како затворени и тивки институции.

„Библиотеките треба да бидат убави и отворени, привлечни, а не застрашувачки. Тоа не е храм, туку место каде што можете слободно да се задржувате, да учествувате во дискусии, консултации или едноставно да се дружите со луѓе“, нагласи Маковски.